Nesto

Новиот број на весникот Слобода достапен за преземање на дното од блогот. Наскоро излегува десеттиот број во печатена форма.

Monday, March 19, 2012

Цако, и друго...


Инспириран од настани кои поминаа пред скоро време решив да прозборам и за ова. Иако малку каснам и може некој ќе смета дека е излишно сега да се дава коментар за истото, јас сепак сметам дека имам морална обврска, ко што се вика, пред себе и пред Бога да си го кажам тоа што имам да си го кажам.

Би сакал да започнам со разјаснување за кои настани станува збор. Тоа се два настана:
- Забраната за пристап на мојот брат со Даунов синдром во еден скопски клуб и;
-   Пропустот кој ние како фамилија го направивме кај него.
Иако можеби навидум не се сродни теми, сепак во нив лежи една суштинска ствар која ги врзува. Можеби и баш нивната привидна спротивност е експлицитниот доказ на мојата поента.
Велат дека кога човек ќе изгуби некој сфаќа колку тој некој му значел. Но тоа не е случај само за губењето. Сметам дека тоа се однесува на било која нагла промена, без разлика во која насока – позитивна, или негативна. Секогаш кога нешто радикално ќе се смени ние го согледуваме сменетото бидејќи тогаш имаме со што да го споредиме, додека кога не е настаната таа нагла промена ние едноставно сме навикнати да живееме со тоа, без тоа да делува врз нас на било кој начин.
Во поглед на промената, токму овие две работи се оние кои врз мене извршија голема инфлуенца – да не речам дека по не знам која пат ми ги отворија очите.
Цако е едно многу интересно човече кое е многу посебно, без разлика од кој аспект се набљудува. Таа „посебност“ по некогаш оди во негова полза, но за жал најчесто му штети.
Ние, како фамилија посветивме многу време на тоа Цако да стане нормално дете без разлика на неговиот синдром. Обидувајќи се „да го направиме како сите други“, бескомпромисно борејќи се секојдневно за неговиот статус во општеството и соработувајќи, но и расправајќи се со него ние постигнавме нешто многу повеќе.  Иако тоа го инциравме ние како фамилија, сепак сметам дека најголемиот успех лежи во него. Александар Матовски – Цако, каратистот, поетот, академскиот граѓанин, борецот, и уште еден куп епитети, ги надмина своите граници.
Во кои сегменти ова доаѓа до израз?
Кога бевме мали јас и брат ми моите се трудеа да работат подеднакво со двајцата, меѓутоа увидоа проблем со математичката логика кај брат ми – најверојатно обвинувајќи го синдромот за тоа. Кога го увидоа тоа, ставени во тешка состојба, одлучија да се фокусираат на останатите сфери од неговиот живот, секогаш заобиколувајќи ја математиката и логиката – фокусирајќи се на историја, спорт и слични предмети врзани со фактографската меморија и физичките вештини.
Пред неколку дена, додека јас и сестра ми му помагавме да совлада одредени потешкотии по предметот Математика кој го слуша на Педагошкиот факултет, не навлегувајќи преку кои примери, сфатив колку е всушност развиена неговата логика и колкав потенцијал има за да совлада и многу потешки математички проблеми.
Јас бев фасциниран. Одамна се немам осетено така. Бев пресреќен и возбуден и не можев да сфатам како е тоа возможно? Постојано правев паралела со други физички ограничувања.
Си реков: „Јас имам физичко ограничување – немам способност да летам. Зарем е можно после огромен труд јас да научам да летам?“ – „Не, не е возможно! Јас едноставно немам способност да летам“ – си одговорив. „Тогаш како е возможно мојот брат да си ги надмине своите граници? Дали тоа значи дека човековиот ум навистина нема граници? Зарем тоа значи дека ако мојот брат доволно се труди може да стане апсолутен генијалец во дадена област?“ – пак се запрашав.
Одговорите не ги знам. Одговорите може не ни сакам да ги знам. Знам само дека сум среќен. Сто посто сум сигурен дека можеме многу повеќе од тоа што мислиме дека го можеме. Тоа е нешто за кое што ние како луѓе треба да се држиме.
Всушност сега стигнавме до вториот сегмент од приказната.
Велат дека средината е најдоброто нешто во секоја работа. Златна средина ја нарекуваат. Велат, не е добро да се оди ниту во една крајност, ниту во друга.
Но тука се наметнува едно прашање: „Што ако оската според која се ориентираме е целосно испревртена? Што ако оската е само едно болно средство за деградирање на луѓе? Или па, можеби едната крајност е неопходност, а другата крајност апсолутна глупост“.
За да не звучам апстрактно и глупо, би се објаснил со следните два примера:
Едниот е малку поопшт и го одговара едното прашање, а другиот е повторно за мојот брат и го одговара другото прашање.
Да замислиме дека имаме оска на која на едната страна е „Јас дишам“, а на другата „Јас не дишам“. Зарем во ваков случај златната средина е најдоброто решение? Зарем „дишам, ама до пола“ е нешто што ние го бараме?
Од друга страна, што станува кога имаме одреден синдром, или некоја болест, или зараза? Брат ми е доста развиено дете кое има даунов синдром, па со право може да се стави на средината на оската помеѓу луѓето со ретардација и луѓето без ретардација. Дали е тоа нешто добро? Дали по дефинција тоа би бил најдобриот избор?
Нека зборува за тоа неговиот тажен дел од животот:
-          Деградација
-          Исмејување
-          Отфрлање
-          Дискриминирање
Сепак најактуелно е тоа што мојот брат не можеше да влезе во клуб бидејќи не носел лична карта со него на неговиот дваесет и прв роденден. Со него имало 3ца полнолетни сведоци кои тврделе дека има 21 година, инаку чести посетители на клубот – но тоа не сменило ништо. А сите ние сме сведоци колку често се пуштаат млади дами во кратки сукњички без ни на момент да се помисли дали треба, или не треба да се провери за лична карта. Но велат, обезбедувањето го имало тој авторитет да одлучи на кого ќе му бара лична карта. Така било по законот(!!!) Е, па по дискриминаторен закон до сега немам слушнато – ама стварно! (Да се разбереме, не го критикувам клубот – бидејќи најверојатно тоа би се случило во било кој клуб, туку мојата критика е насочена кон човековиот однос и човековата култура)
Но како и да е, средината на оската која резултира со работиве што ги набројав во никој случај не се најдоброто решение што може да се извади бидејќи кога Цако би имал поголема ретардација не би бил толку свесен за работите кои му влијаат, а кога би имал помала ретардација би бил многу поприфатен од општеството и не би ги имал тие проблеми.
                Всушност, токму и тука ја гледам врската меѓу двете работи кои ме инспирираа да го напишам текстов. Верувам дека сме едно догматско општество кое многу работи ги сфаќа ептен здраво за готово. А паралелно на тоа, сметам дека од една страна кога би имале корист би се молеле во таа „златна средина“, додека кога би немале би ја согледувале нејзината апсурдност и би извлекувале рационални и каузални заклучоци. Додека мојот брат прави процепи во реалноста, додека тој палаво си игра со физичките закони и го допира небото, него секој „нормален“ расудувач би го отфрлил и не би ги приметил неговите добри страни, без разлика што е во средина на оската меѓу човек со ретардација и човек без ретардација, а кога би станало збор за некоја политичка определба, златната средина би била најдобра и најприфатлива. Со таква логика, во политичка смисла ултра – левицата најверојатно би била болест, или нешто слично. Од овде следи дека е факт тоа дека имаме проблем со расудувањето и начинот на изведување на заклучоци.
Извртеноста всушност лежи во тоа што никому не му посакувам да биде на средината на оската на која се наоѓа брат ми, но уште помалку му посакувам да биде во состојба со поголема ретардација, иако кога би имале поголема ретардација помалку би биле свесни за деградираноста и сите оние лоши ствари кои тие луѓе ги доживуваат и фактички никогаш не би можел да одредам веќе ако мора некој да има одреден синдром со колкав интензитет би му посакал да го има, кога нашата логика тотално ја промашува поентата.
А згора на сè, колку само имам научено од него. Кога не би го имал тој синдром, можеби многу помалку би ме научил – не знам. Тоа е таа извитопереност, но е таква и постои како таква. Па затоа знам дека од сево ова можам да извлечам еден заклучок, а тоа е дека не постои универзален закон кој ја опишува секоја ствар која не опкружува, па баш затоа треба да ги отфрлиме стереотипите и догматичноста еднаш за секогаш и да му се препуштиме на секојдневното откривање на овој комплексен универзум, а паралелно да престанеме да ги мразиме другите само ради тоа што се малку поразлични од нас.
Уживајте во тоа што го имате и делувајте во рамките на тоа што ви е дадено од претходно, но секојдевно обидувајте се да ги прегазите своите сопствени граници, не споредувајќи се со никое друго суштество на светот.

Затоа, и најмалиот може да не научи најмногу. Затоа и глупавиот е паметен. И баш затоа, малото е големо и она што е горе е всушност доле, а она што е доле е всушност горе.  Спротивностите се најголемата доблест на светот. – Основи на Таоизмот

6 comments:

  1. Не е задоцнета реакција и никогаш не е излишно.
    Деградацијата и дискриминацијата (по каква било основа) не се повремени, не се тактички преместувани од клуб во школо, од школо во парк, од парк во која сакаш општествена сфера.
    Општествените критериуми зборуваат за златната средина, но преку многу едноставни примери, многу просто објасна дека златната средина е измачување и тапкање со едната нога в гроб.
    Ти ја сакам позитивната енергија и ги сакам песните на Цако (не знам дали се сеќаваш, еднаш на сите ни даде по една книга (: )

    ReplyDelete
  2. Радмила, фала за коментарот и за подршката што му ја пружаш на Цако :)
    Зборував за излишност пошто имаше многу галама околу тоа што не го пуштија брат ми во тој клубот и тогаш не пишав никаков коментар за целата ствар, ама во право си дека всушност никогаш не е касно.

    П.С. На 31ви Цако ќе има промоција на новата збирка поезија - многу би сакал да присуствуваш.

    Поздрав :)

    ReplyDelete
  3. обавезно! :) пред промоцијата ќе ме известиш точно време и место.

    ReplyDelete
  4. и ја би сакала да присуствувам. обавести ме. (ива царевата).

    Иначе, у контекст на муабетов, има една теорија:
    Кога одредена група луѓе по било кој основ ги третираш со поинакво внимание, тие така и ќе се однесуваат. Ако земеш две групи деца, двете групи составена од деца на приближна возраст, слична интелигенција и слични познавања, и ги разделиш, така што едната група постојано ќе ја охрабруваш, ќе ја фалиш и за најмала ситница, ќе манифестираш поголема надеж во нив, ќе им посветиш повеќе внимание; додека другата група ќе ја гледаш со презир или сожалување, ќе ги омаловажуваш, ќе им посветуваш помало внимание; тогаш првата група несомнено ќе покаже подобри резултати (во учењето на пример), поголем ентузијазам и ќе делува дека е составена од попаметни деца. Ова е студија која е вршена на деца од бела раса (прва група) и деца од друга раса/малцинство (втора група) во земја во која преовладува белата раса. Поентата на студијата е да докаже колку предрасудите влијаат врз развојот на децата и колку им е важно при тој развој да не бидат подложени на негативни очекувања спрема нив (презир, омаловажување, сожалување итн.)

    Ова исто важи и за луѓето со ретардација. Некои од нив навистина медицински ги немаат истите ментални капацитети со просечен (не го сакам зборот „нормален“) човек, но во односот со нив луѓето секогаш ја прават истата грешка: ги потценуваат, оти од нив поради болеста имаат помали очекувања, немаат надеж во развојот на нивните способности, ги гледаат со сожалување и како „некој различен“. Луѓето несвесно се однесуваат вака спрема „обележаните“ (оние кои носат име на некаков синдром или болест или кои изгледаат поинаку); па дури и кога работат со нив (на пр. родителите или наставниците), односот го приспособуваат како да работат со дете, а не на пример со 21 годишен човек. Тие луѓе, исто како и сите ние, забележуваат какви се туѓите очекувања од нив и ќе се однесуваат спрема истите. Начинот на кој што другите луѓе не' гледаат се рефлектира во нашето однесување. Тргни од себе: ти ќе имаш пониско мислење за себеси ако другите те потценуваат, оти човекот во голема мера го оформува своето мислење и го приспособува начинот на однесување на очекувањата и погледите на луѓето околу него.

    ReplyDelete
  5. Поентата: луѓето како Цако, кои што и покрај синдромот заостануваат малку или незабележително зад своите врсници и изразуваат висока креативност/логика/било каква способност, треба да ги третираме не како луѓе со синдром кои се баш слатки што изразуваат разни способности, туку како просечни луѓе, како што би го гледале секој друг човек на нивна возраст и со нивни интереси. Значи не треба да изразуваме надеж и очекувања дека ќе се развијат подобро од другите деца со даунов синдром, туку дека ќе се развијат како и сите останати ментално здрави деца, добри во нешто (пр.поезија), лоши во нешто друго (пр. математика - и овие примери не беа за брат ти според текстот, туку за мојов личен карактер :) ). Ако ги посматраме како возрасни луѓе со умови на деца, тие така и ќе се однесуваат. Ако разговараме со нив за попрости теми, поедноставни поими, поразбирливи нешта - тогаш им ја кратиме можноста да развијат разбирање за посложените нешта, апстрактни поими, комплицирани проблеми. Сакам да кажам, ги држиме „заробени“ на ниво кое со малку труд би можеле лесно да го надминат. Овие грешки најчесто ги прават психолозите/дефектолозите/наставниците кога работат со деца со ваков Синдром. Гледаш, дури и ти самиот кажа во текстот дека цело време сте мислеле дека Цако нема акал за логика/математика, и во сите тие години тој не покажал „талент“ за тие области затоа што твоите како мал го насочувале кон други нешта, мислејќи дека нема капацитет за логика, и на тој начин можеби пресекувајќи му ги шансите да развие капацитет и за таа област.

    Познавајќи го Цако од многуте приказни што ми ги имаш за него кажувано, можам да констатирам дека вие во вашето семејство доста добро сте се поставиле спрема него, баш во смисла на тоа што го зборував горе. Сепак, едукацијата во врска со децата со Даунов синдром треба да се концентрира баш на тоа: дека треба да ги посматраме и третираме како и секој друг, а не како „посебни“ или „болни“, зошто така ги маргинализираме и влијаеме врз нивната слика за себеси и текот на нивниот развој.

    Баш ќе ми биде драго на 31 конечно да го запознаам :)

    ReplyDelete
  6. Јас сега го глеам ова...Всушност не сум била свесна дека ти имаш блог:))) Имам некои забелешки за текстот во однос на твојата сегрегација на луѓето и терминологијата, али за тоа дома... во глобала БРАВО! :)

    ReplyDelete