Sunday, January 22, 2012

За општеството...

Живееме во систем во кој луѓе умираат секој ден без никаква сериозна причина. Премногу погрешни идеали и вредности, просто како целиот свет да полудел!
Ќе се запрашаш на момент: Дали сум сам? Дали се ебано сите против нас?
Во тој момент сфаќаш дека одговорот лежи во „одвратниот“, „омразениот“ и „најдолниот“ слој на луѓе. Сфаќаш дека всушност тие се оние кои сè уште имаат нешто бистро останато во нивниот ум. За нив може да се рече дека размислуваат со своја глава наспроти сите оние кои следат одредени празни верувања и догми.
Но што е тоа што треба да нè води напред?
На момент ќе доживееш шок и разочарување од сè. „Сфаќаш“ дека ништо не вреди и за џабе е целиот труд кој што си го вложил. Но тогаш всушност грешиш. Во тој момент само дозволуваш да бидеш изманипулиран од твоите чувства на самосожалување и илузијата која сам си ја креираш. Не си сам! Не си единствен! Никогаш не се откажувај, бидејќи тоа што треба да те води напред во животот е активизмот. Колку и да е, колку и да си сработил, макар и еден текст, цртеж, песна, бунт, протест, знаеш дека тоа си го сторил за подоброто утре, а не од корист и потреба како што и повеќето работи денеска и се прават. Покрај сè, што би правел во спротивно? Би се „зрачел“ пред компјутер, или би уживал во некоја друга „придобивка“ на капитализмот. Доколку тоа сакаш да го правиш – слободно, никој не ти брани. Но никој не ти брани ни да размислиш што е тоа што навистина го сакаш, а не слепо да се ограничуваш со својата рутина која можеби не ја ни сакаш. Понатаму, треба да се потпреш и на дружината, на луѓето што размислуваат како тебе, на солидарноста, поддршката, соработката и самиот факт што познаваш (или ќе запознаеш) луѓе кои имаат исти цели, идеи и интереси.
А за системот... Ова не е ни капитализам, ова е хаос, тиранија, хегемонија! Да те фати страв од ваквото општество. Се будиме со страв секој ебан ден, иако повеќето од нас тоа не го ни забележуваат, а уште помалку го признаваат. Толку се навикнати на тоа, што не ни имаат волја да се борат против. Некои неспособници го водат светов, а ние тивко и некритично ги пратиме и ги слушаме. Една работа е како ние го дозволуваме тоа, а друга како тие имаат желба да го прават истото.
За што? Зарем не забележуваат колку животи се губат на празно? Зарем и таа мала искра на алтруизам не се активира кога масовно убиваат деца и жени. За која цел? За пари? За моќ? Каква е таа моќ? Моќ да убиваш луѓе? Моќ да крадеш? Кога мене би ме прашале: Не фала, не ми треба таква моќ! Мене ми треба моќ креирана со труд. Моќ да бидеш почитуван со тоа што чесно работиш и со тоа што им помагаш на оние што се помалку моќни.
И чекај, што се тоа пари? Илузија! Ништо повеќе од глупа илузија запишана на хартија! Си даваат за право да освојуваат земји, тие да бидат над сите и тие да го ценат трудот на другите, да поставуваат нивни закони и да прават промени како ним и одговара, па згора на сè да речат дека НАРОДОТ ГО ИЗБРАЛ ТОА! Да отидеш, да ги треснеш од земја и да не им кажеш зошто! Само за тоа вредат! Народот е единствено виновен за тоа што иако сите го знаеме ова, иако секој кој што ќе го прочита текстов ќе увиди дека е навистина така, ретко кој презема нешто во врска со тоа и многу малку се оние кои вистински се активираат!
Затоа, нареден пат кога ќе сакаме да го најдеме виновникот за сето ова и кога конечно ќе одлучиме да направиме промена треба само да се погледнеме во огледало. Ние самите треба да се смениме! Ние сме виновни што си дозволуваме да ни го прават сето ова! Радикална промена (пред сè во самите себе, а понатаму низ целиот свет): тоа е спасот, тоа е иднината и таму лежи целата скриена надеж! Да живее слоботата!

No comments:

Post a Comment